Остануваат на „Сан Сиро“: Интер и Милан си најдоа подобра опција

Иако беше најавувано дека Интер и Милан ќе градат нов стадион, тој план би можел да пропадне и градските ривали да продолжат своите мечеви да ги играат на „Сан Сиро“.

Тоа за новинарите го откри извршниот директор на Интер Алесандро Антонело. Претставниците на Интер и Милан се сретнаа со градските челници, а епилогот од разговорот е дека засега нема да има изградба на нов стадион како и дека екипите ќе останат да играат на „Сан Сиро“.

„Градските челници ветија дека ќе вложат пари во реновирање на Сан Сиро. Интер и Милан се расположени за секаков вид на соработка и подготвени сме да учествуваме во реновирањето на стадионот“, изјави Антонело.

Претседателот на Милан Паоло Скарони изјави дека клубовите сепак нема да се откажат од изградба на нов стадион во иднина.

„Нашиот план е да изградиме стадион покрај постоечкиот. Со тоа Милано би станал првиот град во кој два големи стадиони се оддалечени сто метри еден од друг. Ќе видиме дали тоа ќе се случи во иднина“, изјави Скарони.