Олимпискиот комитет и Факултетот за спорт потпишаа меморандум за соработка

Највисоката спортска и највисоката спортско-образовна институција во Македонија, во иднина ќе имаат потесна соработка откако денеска претседателот на Олимпискиот комитет Даниел Димевски и Деканот на ФФОСЗ, Ленче Величковска Алексовска потпишаа меморандум за соработка.

Двата субјекта и досега разменуваа искуства и соработуваа, меѓу другото и црпејќи кадри еден од друг, но отсега тоа ќе биде регулирано со посебен акт. Меморандумот е потпишан заради плански, систематски, стручен и научен пристап во развојот на спортот во Македонија.

Тој ќе име за цел да ги поттикне спортистите, клубовите и спортските кадри на заедничка соработка, а со цел за развивање на спортот и промоција на олимписките вредности. Во план е изготвување и реализација на проекти поврзани со спортот, како и тестирања поврзани со антрополошкиот статус на спортистите од различни возрасни категории.

Првите луѓе на овие две институции имаат огромно искуство во спортот. Ленче Величковска Алексовска е поранешна кошаркарка и долгогодишен декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, додека Даниел Димевски пред да стане претседател на ОКСМ, беше прв човек на КФМ и претходно директор на КК Работнички.