Ол Ингланд Клуб добро си го наплати откажувањето на Вимблдон

Организаторот на престижниот Гренд слем Вимблдон богато го наплати откажувањето на турнирот.

Поради пандемијата на коронавирусот, Вимблдон е еден од 34-те откажани турнири, а Ол Ингланд Клуб (АЕЛТ) за неговото откажување наплати дури 114 милиони евра.

Ол Ингланд Клуб со појавата на вирусот САРС во 2003 година во своето осигурување вклучи и случај на пандемија, а со оглед на моменталната ситуација со коронавирусот турнирот е откажан и наплатено е осигурувањето.

Ролан Гарос кој е одложен за септември и УС Опен немаат слични осигурувања, па во случај на откажувања би можеле да забележат загуба од 250 милиони евра.

Инаку, 23 милиони евра од наплатата на осигурувањето АЕЛТ ќе им ги исплати на клубовите, турнирите, судиите и играчите кои ги погоди кризата настаната од коронавирусот.