ОФМ ќе го организира и завршниот турнир од Европската сребрена лига 2021

Македонските одбојкари ќе играат на домашен терен на завршниот турнир во Европската сребрена лига годинава откако ЦЕВ одговори позитивно на апликацијата на ОФМ за организација на овој престижен настан. На денешната седница, Бордот на администрација на европската куќа на одбојката уште еднаш ја потврди целосната доверба во македонската одбојка, па покрај претходната одлука за организација на турнир од групната фаза во континенталното натпреварување, највисокото управно тело на ЦЕВ реши и битката за медалите да биде кај нас. Исто така, ЦЕВ целосно ги прифати сугестиите на челниците на ОФМ и го ревидираше календарот во Европската сребрена лига 2021.

Наместо на крајот на јуни, завршниот турнир ќе биде одржан викендот на 5-ти и на 6-ти јуни, а претходно, од 21-23 и од 28-30 мај се закажани двата турнира во групната фаза. Македонската репрезентација ќе игра со Данска, со Израел и со Кипар, а покрај нас, во групата „А“, турнир ќе организираат и Данците.

Хрватска, Австрија, Унгарија и Луксембург ќе ги одмерат силите во групата „Бе“. Со оваа административна победа, ОФМ ја реализира својата стратешка определба да биде една од најактивните федерации во организација на големите натпреварувања, а со тоа да им ги овозможува сите услови на македонските одбојкари да ја продолжат серијата успешни резултати.

По дветепобеди на дебитанскиот настап на европските првенства, на квалификацискиоттурнир во јануари во Скопје, нашата селекција обезбеди настап на претстојнотоЕвропско првенство, а сега ќе има шанса на домашен терен да игра за првото злато во Европската лига откако досега освои три сребрени медали во 2015, 2016 и 2017. Во 2018-та, кога ОФМ првпат организираше завршен турнир во Европската сребрена лига, црвено-жолтиот национален состав беше четвртопласиран, а сега ќе има уште една можност да ја реазлизира долгогодишната цел, со што со полна самодоверба би го дочекал Европското првенство 2021.

Бордот на ЦЕВ денеска го одреди точниот календар за најголемиот континентален одбојкарски настан, којшто ќе почне на први, а ќе трае до 19-ти септември со финале во Катовице.

Организатори се Полска, Чешка, Финска и Естонија, а натпревари ќе има во шест града: Краков, Гдањск,Катовице, Острава, Тампере и Талин. Покрај македонската репрезентација, Летонија, Турција и Бугарија обебзедија учество преку квалификациите, а на септемврискиот еврошампионат ќе бидат икоорганизаторите, како и најдобрите осум селекции од последниот самит.

Ждрепката за групите на ЕП 2021 ќе биде извршена откако квалификациите ќе завршат целосно, што е предвидено за првата половина на мај.