Официјално: Одреден датумот за Австралија Опен

По големиот број претпоставки и неофицијални информации, кои се испоставија како целосно вистинити, сега е потврдено.

Светската тениска асоцијација (АТП) го објави календарот за почетокот на новата сезона, за 2021. година и официјалиизраше дека Австралија Опен ќе се игра од 8 до 21 февруари. Со тоа првиот Гренд слем во сезоната е поместен за некои три недели од вообичаениот старт.

Уште една револуционерна промена е тоа што квалификациите ќе се играат на – друг континент. Домаќинот на елиминационите рунди пред главната ждрепка ќе биде Доха, а мечевите ќе се играат од 10 до 13 јануари.

Во објавениот календар е потврдено дека ќе се игра и АТП Купот во Мелбурн од 1 до 5 февруари, а речиси во исто време ќе се игра во истиот град турнирот кој обично се игра во Аделаида, но сега е преместен на истото место каде ќе се одржи првиот Гренд слем сезонава.

Сите тие поместувања се предизвикани од пандемијата на корона вирусот и со одлуката на австралиските власти дека двонеделниот карантин е задолжителен за сите кои ќе влезат во земјата.

Сезоната започнува со турнирите во Делреј Бич и Анталија, додека натпреварувањата во Окленд и Њујорк оваа година нема да се одржат.