Официјално: Марко Вујин две години во Вардар

Вардарци деновиве и официјално ги промовираат и официјализираат засилувањата кои беа договорени изминатиот период, а денеска редот му дојде и на српскиот интернационалец Марко Вујин.

Искусниот Вујин потпиша двегодишен договор со се уште актуелниот европски првак. Српскиот ракометар има богата интернационална кариера, беше ѕвезда во Кил и Веспрем, а во Скопје пристигнува по неуспешната авантура која ја имаше во Спортинг Лисабон.

„Српскиот интернационалец Марко Вујин потпиша двегодишен договор со Вардар. Десниот бек кој зад себе има богата интернационална кариера го одбра бројот 41 на дресот со кој ќе настапува во нашиот тим“, стои во соопштението на клубот на Фејсбук.

Изминатите денови Вардар ги претстави и Гоце Георгиевски, Филип Талески, Анте Гаџа, Јосип Векиќ и Робин Категрел.