Официјално, Арсенал го има третиот најголем трансфер ова лето

Се беше договорено уште за време на Европското првенство, се чекаше само реализацијата. И истата конечно дојде. Бен Вајт е нов фудбалер на Арсенал.

Очигледно Микел Артета не беше задоволен од она со што располагаше досега на стоперските позции, па ова лето како приоритет го таргетираше младиот дефанзивец на Брајтон. Преговорите траеја подолго време, но денеска Арсенал може да се пофали дека го купи најскапиот стопер во својата историја.

Бен Вајт ги чини „Топчиите“ 59.500.000 евра!

Англискиот репрезентативец спаѓа меѓу најскапите стопери во историјата на фудбалот, после Хари Мегваер (87.000.000), Матијс де Лихт (85.500.000), Вирџил ван Дајк (84.650.000), Лукас Ернандез (80.000.000), Рубен Дијаш (68.000.000) и Ејмерик Лапорт (65.000.000), додека Арсенал поголемо обештетување има дадено само за Никола Пепе (80.000.000) и Пјер Емерик Обамејанг (63.750.000).

Вајт потекнува од академијата на Саутемптон, за како 17-годишник да се пресели во Брајтон. Особено се истакна на позајмицата во Лидс во текот на сезоната 2019/20. Марсело Бјелса сакаше да го откупи, но Брајтон инсистираше на сума од 50.000.000 евра. И очигледно не погреши. Се јави потоа Арсенал и прифати да плати уште поголемо обештетување.

Ова за „Топчиите“ е трето засилување ова лето по Нуно Тавареш од Бенфика и Алберт Самби Лаконга.

Вајт воедно е и третиот најголем трансфер ова лето, веднаш зад Џејдон Санчо и Ашраф Хакими.