Односите меѓу Нејмар и Мбапе се влошиле, ПСЖ сака да го продаде Бразилецот

ПСЖ е подготвен да го продаде Нејмар ова лето доколку ја добие вистинската понуда, објави „Л’Екип“. Француските медиуми истакнуваат дека 30-годишниот Бразилец и понатаму е најскапиот играч на светот, но додаваат дека неговата улога во парискиот клуб се намалува. Односот со Килијан Мбапе, кој остана во клубот иако се зборуваше за заминување во Реал Мадрид, се влоши до тој степен што ПСЖ и претседателот Насер Ал-Келаифи се подготвени да го продадат.

„Л’Екип“ понатаму вели дека Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Реал и Баерн не се заинтересирани да го доведат, додека богатите сопственици на Њукасл можат да ги пресретнат неговите побарувања околу платата, но тој не сака да оди таму. Мбапе покажа повеќе од Нејмар во ПСЖ, а новиот договор кој го потпиша потврди дека младиот Французин е прво име на клубот.

Нејмар има договор со ПСЖ до 2025 година, со опција за продолжување на уште една сезона. Сепак, неговиот статус драстично падна. Тој требаше да биде дел од триото од соништата, со Мбапе и Лео Меси, но не пружи задоволителни игри. Се напоменуваат неговите проблеми со повредите, но исто така се поставува и прашањето за неговиот начин на живот.

„Л’Екип“ објави дека Нејмар и Мбапе се оддалечиле, додавајќи дека францускиот напаѓач нема да има ништо против Нејмар да го напушти клубот. Се верува дека Мбапе ќе има голем удел во кроењето на клупската и трансфер политиката, што наводно е дел од новиот договор со ПСЖ.

Од друга страна, Нејмар е среќен во Париз, пренесуваат париските медиуми, иако неговиот арогантен однос ги нервира луѓето во клубот. “Никој не ни кажал дека Нејмар е на продажба. Минатата година бевме под притисок да го продолжиме договорот, и тоа го направивме. Тоа е сè што знаеме”, велат извори блиски до Нејмар, пренесува „Л’Екип“.