Одбојкарите за ЕП добија искусно „засилување“

Со оглед дека Ратко Павличевиќ има клупски обврски и по овој викенд ќе ја напушти репрезентацијата, нов асистент на селекторот Никола Матијашевиќ ќе биде Душко Николиќ. 45-годишниот српски стратег е освојувач на бронзен медал од последното Европско првенство во Полска пред две години, тогаш во улога на прв помошник на Никола Грбиќ во машката селекција на Србија. Николиќ ќе има задача да ја открива играта на противниците и да му помогне на Матијашевиќ во подготовката на македонскиот национален тим за настапот на континенталниот самит во Љубљана во септември.

По играчката кариера во Лучани, во Партизан, во Бамби, во Будванска ривиера и во Црвена Звезда, Николиќ се посвети на тренерската работа, а во првите две сезони водејќи ја Црвена Звезда двапати освои тројна круна, односно вкупно шест пехари. На меѓународната клупска сцена, пак, најголем успех му е пласманот во четвртиналето на Челенџ купот, откако со белграѓани го елиминираше Шамон – француската екипа којашто стана негова следна тренерска дестинација. Потоа работеше и во Финикас во Грција.

Душан Николиќ е уште еден адут на македонската репрезентација чијашто цел не е само да игра во „Стожице“, туку и да се обиде да ја мине групата во Љубљана во којашто се Финска, Турција, Русија, Белорусија и домаќинот Словенија. Базичните подготовки на одбојкарите во Маврово ќе траат уште една недела, по што националниот состав ќе оди во Крајова на пријателски двомеч со Романија, па ќе се врати во Скопје каде што најпрво ќе ја пречека Шведска, а потоа и Белгија, Бугарија и Украина на турнирот „Чајка“. Пред премиерата на Европското првенство со Финска на 12-ти септември, црвено-жолтите ќе и гостуваат на Австрија за глазура на формата. Осминафиналето станува проектирана цел, а за да стиге до него, македонската репрезентација треба да биде меѓу првопласираните четири селекции во групата „Ц“.