Одбојкарите ги мачат повреди: Ѓорѓиев и Маџунков надвор од стројот – Милков се враќа но неизвесен за ЕП

Македонските одбојкари ја отворија третата недела од подготовките во Маврово. Ритамот со два тренинга дневно не се менува, играчите работат заедно, но имаат и индивидуални вежби во зависност од позицијата во тимот.

Ѓорѓи Ѓорѓиев и Филип Маџунков се на рехабилитација и не тренираат, а в среда на репрезентацијата ќе и се приклучи Александар Милков. Со него, селекторот Никола Матијашевиќ ќе го има на располагање целиот потенцијал на примачка дијагонала.

Конкуренцијата ќе биде засилена, иако се уште е незивесно дали коленото на Милков ќе може максимално да ги издржи напорите, а со тоа и дали ќе биде во конкуренција за настап на Европското првенство во септември. Честа да го носат црвено-жолтиот дрес на континенталниот собир ќе го имаат четиринаесетмина одбојкари.

По тренинг фазата во Маврово, нашиот национален состав ќе влезе во серија пријателски натпревари коишто ќе бидат последен филтер за играчите на поширокиот список. Во групата „Це“ на дебитантскиот еврошампионат за нас, македонската селекција ќе игра со Финска, со освојувачот на „Златната Европска лига“ Турција, со бранителот на континеталната титула Русија, со вицепрвакот од „Златната Европска лига“ Белорусија и со кодомаќинот на собирот Словенија. Првиот дуел со Финците е закажан за 12-ти, а последниот со Словенците на 17-ти септември