Одбиено барањето на Челси: Тејлор и во иднина ќе им суди на „сините“

Здружението на професионални судии во Англија категорично го отфрли барањето на Челси, Ентони Тејлор повеќе да не биде делегиран на натпреварите на лондонскиот клуб.

Стручниот штаб и навивачите ја насочија сета негативна енергија кон искусниот арбитар, обвинувајќи го него за ремито против Тотенхем, а најгласен во тоа беше менаџерот Томас Тухел. По неделниот натпревар, германскиот стручњак ја доведе во прашање непристрасноста на Тејлор и порача дека тој повеќе не треба да води дуели на Челси.

Инаку, мечот на Стемфорд Бриџ го одбележаа инцидентите меѓу Тухел и Антонио Конте кои два пати влегоа во жестока вербална пресметка која можеше да прерасне во физичка.