Одбележан 6 април – меѓународниот ден на спортот за развој и мир

Во партнерство со Општина Куманово, МОК го одбележа 6 Април – Меѓународниот ден на спортот за развој и мир.

Активноста започна со заедничка средба со спортските работници од општина Куманово, на која говореа Претседателот на МОК, М-р Даниел Димевски, Генералниот Секретар Д-р Сашо Поповски, спортскиот директор Владимир Богоевски, г-ѓа Силвија Митевска, Советник за спорт на Претседателот на Македонската Влада, г-динот Александар Крстевски, раководител на Секторот за меѓународна соработка и ЕУ Интеграции-Општина Куманово при што беше заклучено дека без врвна спортска администрација не постои можност за врвни спортски резултати и дека е неопходно да се донесе Национална стратегија за спорт која ќе биде имплементирана во насока на многу поголеми врвни спортски резултати, на сите нивоа.

Организирајќи го 6 Април – Меѓународниот ден на спортот за развој и мир, градот Куманово е дел од целокупното светско Олимписко и спортско семејство кое ширум светот организира вакви манифестации и денови. Оваа активност се одржа во С.О.У. “Наце Буѓони” каде учениците го заземаа своето учество во неколку екипни и поединечни спортови.

Во име на одбележување на мирот беа засадени и дрвца, а спортските клубови од Куманово добија значајна донација и соодветна спортска опрема.