Од најголемо промашување до Златна топка за шест години

Кој би можел да помисли дека Лука Модриќ ќе биде освојувач на Златната топка, особено ако се знае дека уште се активни Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Не само затоа што е Хрват, туку и затоа што кога дојде во Реал беше прогласен за најголемо промашување од шпанските медиуми. И тоа не само каталонските, туку и мадридските кои не го поддржаа кога стана нов играч на Реал.

„Реал пожртвувано се бореше за Модриќ кој се покажа во Премиер лигата и на Европското првенство. Но, четири месеци по трансферот во Мадрид, покажа малку од она што се очекуваше од него и за износот кој е платен“, напиша тогаш Марка.

Каталонскиот Спорт беше уште пожесток и тогаш имаше насловна страница со наслов: „42 милиони евра за прикривање на срамот“ со Модриќ на слика.

Во првата сезона како член на Реал, Хрватот одигра 19 натпревари по 38 минути во просек, а читателите на марка со 32,2% го прогласија за фијаско на годината. Шест години подоцна, освен Златната топка, има уште четири титули во Лигата на шампионите и една во Ла Лига.