Облак: Во Љубљана се уверивме дека Македонија е моќна, нема да биде лесно, но дојдовме по победа

Најголемата ѕвезда во редовите на словенечката фудбалска репрезентација, голманот на Атлетико Мадрид, Јан Облак, открива дека е свесен каква атмосфера го очекува него и неговите соиграчи на арената „Тодор Проески“ утревечер во квалификацискиот натпревар против македонската репрезентација.

Облак имаше пофалби за нашата репрезентација, истакнувајќи дека Македонија покажала сериозен квалитет, но дека и покрај тоа што ќе биде тешко во Скопје, тој е оптимист дека Словенија ќе ги освои трите бода, иако нема да биде лесно.

„На првиот натпревар кој го одигравме на домашен терен Македонија покажа дека е моќна, има добар тим и добри индивидуалци. Не дојдовме до резултатот кој го посакувавме (1:1). Затоа се надевам дека сега ќе покажеме многу повеќе. Знаеме дека нема да биде лесно. Македонија игра на домашен терен, очекувам одлична атмосфера. Македонија сега е помотивирана по добрите резултати во септемвриските натпревари. Се надевам дека ќе ги освоиме трите бода, иако знаеме дека ќе биде многу тешко“, истакна голманот на Атлетико Мадрид.