Објавен календарот за новата сезона во Формула 1, рекордни 23 трки

Меѓународната автомобилска федеарација (ФИА) го објави денес календарот за следната сезона во Формула 1, на кој се наоѓаат рекордни 23 трки.

Шампионатот ќе започне со трката во Бахреин на 20 март 2022 година, за потоа да следуваат трките за Големите награди на Саудиска Арабија (27 март) и Австралија (10 април). Австралија ќе биде домаќин по првпат по 2019 година, а последните две сезони трките се откажувани поради пандемијата на коронавирусот.

Нова трка во календарот ќе биде и Големата награда на Мајами (8 мај), а по 2019 година во календарот се враќаат и Јапонија, Канада и Сингапур.

Следната сезона нема да се возат трките за Големите награди за Штаерска, Португалија, Катар и Турција (домаќини оваа година).

До крајот на актуелната сезона останаа уште шест трки, лидер во генералниот пласман е возачот на Ред Бул Макс Ферстапен (262,5), додека Луис Хамилтон од Мерцедес е втор со 256,5 бодови.