Новото правило во Ф1 го налути возачот на Ферари: Нема повеќе да ме гледате пред трките

Досега членовите на Ф1 тимовите, возачите, новинарите и персоналот пред трките и тренинзите имаа право да возат велосипед, скутер или електричен скутер на патеката, но поради новите правила на Формула 1, ова повеќе нема да биде можно. На обиколка на патеката ќе може да се оди, но само пеш.

„За да се избегнат какви било недоразбирања во иднина, се забранува секаква употреба на транспорт (велосипеди, електрични велосипеди, скутери, електрични скутери) и слично во периодот означен како „Team Track Talks“. Нема исклучоци. Оваа одлука е договорена со ФИА“, се вели во соопштението што сите тимови го добија на отворањето на сезоната во Ф1 во Бахреин.

Одлуката воопшто не му се допадна на возачот на Ферари, Шарл Леклер, кој изјави дека повеќе нема да оди на проверка и обиколка на самата патека: „Не пешачев за време на проверката на патеката. По објавата дека не смее да се вози велосипед на патеката, мислам дека нема ни да ме видите на патеката пред трката. Само ќе ги гледам видеата“.

Некои сметаат дека оваа забрана е воведена со цел да се избегне голема гужва на патеката, особено за време на викендот кога се закажани трките во Ф2 и Ф3.