Ново звучно име на Островот, Дани Велбек повторно во Премиер лигата

Продолжува Брајтон да носи звучни засилувања. Иако преодниот рок истече, „Галебите“ ја искористија опцијата според која надвор од пазарот можат да ангажираат слободен играч, а квотата ја пополни – Дани Велбек.

Некогашниот репрезентативец на Англија (42 меча) потпиша договор до крајот на сезоната со задача да ја заостри конкуренцијата во нападот на екипата од југоистокот на државата.

„Велбек поседува несомнено педигре, воодушевени сме што ангажиравме така искусен и квалитетен фудбалер, неговото присуство во тимот ќе ги прошири нашите напаѓачки опции“, задоволно тврди Грем Потер, тренерот на Брајтон, кој на Велбек ќе може да смета за мечот од шестото коло на 26 октомври на домашен терен против ВБА.

Пред 12 дена Велбек ја раскина соработката со Вотфорд, во чиј дрес минатата сезона постигна три и асистираше за еден гол. Со оглед на тоа што клубот од „Викариџ Роуд“ испадна од Премиер лигата, напаѓачот не сакаше да продолжи во Чемпионшип, целта му беше да игра премиерлигашки фудбал, имајќи предвид дека важеше за голем талент и не случајно ги носеше дресовите на Манчестер Јунајтед, Арсенал и репрезентацијата на Англија.

Пред Дани Велбек, Брајтон, од попознатите играчи, ги ангажираше Џоел Велтман од Ајакс и Адам Лалана од Ливерпул, а дојдоа и Жан Пол ван Хеке од Бреда, Андре Зеќири од Лозана, Михал Карбовник од Легија и Јакуб Молдер од Лех.