Новите засилувања не го кријат воодушевувањето од Вардар и Скопје

Анте Кудуз и Јан Чувара се дел од новите ракометари кои во новата сезона ќе го носат дресот на Вардар. Тие двајца се дел од реконструкцијата која ја направи Веселин Вујовиќ во соработка со раководството, поради што очекувањата од нив, како од нивниот тренер, така и од јавноста, се големи.

Двајцата ракометари по официјалниот почеток на подготовките ги споделија своите импресии од трансферот во редовите на двојниот европски првак и од Скопје.

„Пред неколку дена пристигнав во Скопје и веќе се одомаќинив тука. Имав време да прошетам и да го запознаам Скопје и навистина сум задоволен. Сите со кои разговарав ми кажаа само добри зборови за Вардар, кој е македонски бренд. Едвај чекам да почне втората фаза од тренинзите и подготовките, на мене ми остсанува да ја оправдам довербата кај тренерот и раководството“, истакна Кудуз.

Од друга страна, полскиот репрезентативец Јан Чувара ќе треба да му биде конкуренција на Тимур Дибиров.

„За првпат доаѓам во Македонија и Скопје навистина ми се допаѓа. Навистина сум среќен што сум тука. Се надевам дека ќе имаме добра сезона. Тимур Дибиров е вистинска легенда од која ќе можам да научам се. На мене останува да ја искористам секоја шанса која ќе ја добијам. Желбата ми беше да заминам од Полска и да започнам интернационална кариера, а за мене е добро што тука е Патрик Валчак кој ми помогна на стартот, но сите играчи се одлични и сите ми помагаат“, изјави Чувара.