Новиот газда на Милан ги сака Гвардиола и Меси, Клоп и Мбапе се план Б?!

Милан со победата над Парма викендов успеа да дојде до првата победа по еден месец, односно до првата победа на гости по речиси два месеци, со што излезе од опасната зона.

Меѓутоа, она за што се пишува во италијанските медиуми е иднината на славниот клуб од „Сан Сиро“. Некогаш најдобриот клуб на светот мака мачи и живее во просечноста на италијанскиот фудбал, далеку од своите најславни денови, но сето тоа набрзо би можело да се промени.

Имено, веќе со месеци на Апенините се зборува за можната продажба на Милан и се тврди дека негов нов сопственик би можел да биде Бернар Арно, сопственикот на луксузниот бренд Луј Витон, најбогатиот Европеец и втор најбогат човек на светот чие богатство е проценето на 93 милијарди евра.

Иако Французинот не сака да коментира за оваа вест, во Италија сеедно си тераат по свое, со тврдење дека Елиот тајно преговара со Арно и дека постојат големи шанси тој да го купи Милан за 975 милиони евра.

Сега, чекор подалеку отиде римска „Република“ која наводно има информации околу конкретните чекори на Арно по доаѓањето на „Сан Сиро“.

Како што тврдат тие, Арно веднаш би направил пресек во клубот и би вложил во екипата. Тој има два плана. Првиот е да го доведе Пеп Гвардиола како тренер на екипата, а потоа и најдобриот светски фудбалер Лионел Меси со што Милан експресно би се вивнал во центарот на вниманието на јавноста, што од маркетиншки аспект би бил одличен чекор за „Росонерите“, а освен тоа екипата се очекува експресно да донесе и резултати. Ако тој план не успее, тогаш би се обидел да ги доведе Јирген Клоп и Килијан Мбапе. Со тоа, Арно би се обидел да го врати Милан на старите патеки, доведувајќи некој од најдобрите светски тренери и една мега ѕвезда околу која ќе се гради екипата и ќе гарантира приходи како што беше случајот со Роналдо во Јувентус.

Сепак, дали колку и дали сето тоа е реално останува да се види во следниот период. Најпрво треба да се потврди дали Арно ќе го купи клубот, што само по себе ќе биде одлична вест за навивачите на Милан, а доколку овие најави се покажат како вистинити, тогаш „Росонерите“ сигурно ќе се вратат на старите патеки.