Нови проблеми во српската кошарка: Звезда се закани со бојкот на Купот!

Откако минатата сезона Партизан одби да игра во завршницата од домашното првенство, сега Црвена Звезда се заканува со бојкот на Купот „Радивој Кораќ“.

Причина за тоа, како што велат од редовите на „црвено-белите“, е фактот што Партизан не сносеше никакви последици, односно не му беше изречена никаква казна за напуштањето на завршницата од домашниот шампионат.

„До почетокот на завршниот турнир од Купот, клубот ќе донесе дефинитивна одлука дали воопшто ќе учествува на него и ќе ја брани титулата освоена лани. Со овој гест, Црвена Звезда јасно и недвосмислено предупредува и последен пат го повикува Кошаркарскиот сојуз на Србија да се придржува до својот статут и да ја врати српската кошарка во легални рамки со тоа што конечно ќе го санкционира Партизан со соодветна и пропишана казна за најтешкиот можен прекршок – напуштање на завршницата од српското првенство во јуни 2022 година и тоа без никакво објаснување и образложение

По сето наведено, кој и со каква казна ќе ја санкционира Црвена Звезда ако не се појави на завршницата од Купот? И со кое морално право?“, пишува, меѓу другото, во соопштението на Црвена Звезда која нема да има претставник на денешната ждрепка.

Завршниот турнир од Купот на Србија кој го носи името „Радивој Кораќ“, ќе се одржи од 15 до 18 февруари во Ниш. Црвена Звезда има забелешки и на одредувањето на овој град за домаќин бидејќи смета дека салата „Чаир“ не ги исполнува условите за организирање и одржување вакви натпревари за што, како што велат од клубот, доказ се инцидентите на претходните изданија.