Нови проблеми во репрезентацијата: Тричковски ја пропушта Полска, Адеми е неизвесен

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски се соочува со нови проблеми во составот во пресрет на натпреварот со Полска во квалификациите за ЕП 2020.

Имено, Иван Тричковски поради повреда на задната ложа не е во комбинација за настап против Полска.

Тричковски, по завршувањето на вчерашниот тренинг се пожали на повреда, а резултатите од лекарските испитувања потврдија дека се работи за истегнување на мускулот на задната ложа.

Исто така, се прават максимални напори за да се оспособи и Аријан Адеми за натпреварот со Полска. Капитенот на Динамо Загреб доби незгоден удар на мечот со Словенија и воопшто не тренираше по пристигнувањето во Полска и беше под посебна терапија, па така неговиот настап до крајот ќе биде неизвесен, што е проблем за Ангеловски бидејќи станува збор за еден од најважните играчи во репрезентацијата.

Како и да е, селекторот ќе мора да се потпре на силите кои ги има во составот, тоа значи дека можно е да има и поголеми претумбации во составот, но добра вест е што Бејтулаи се враќа во составот по одлежаната суспензија против Словенија.

Поради претходна повреда, натпреварот со Полска, но и оној со Словенија, го пропуштаат Енис Барди и Дарко Велковски.

Нашата најдобра селекција утре од 20:45 часот во Варшава го игра квалификацискиот натпревар против лидерот во групата, репрезентацијата на Полска.