Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ денеска се врати во Белград по 11-дневната голгота што ја доживеа во Мелбурн.
Во исто време со пристигнувањето, се совпадна информацијата дека компанијата Лакост, која е спонзор на Србинот за спортска опрема, деновиве ќе свика состанок за со него да биде поразговарано на некои теми.
„Австралиските власти ја укинаа визата на Новак Ѓоковиќ и поради тоа, тој нема право на настап на турнирот во Мелбурн. Поради тоа, во првата следна прилика ќе стапиме во контакт со Новак за заедно да поминеме низ сето ова што се случи“, се вели, меѓу другото, во соопштението од Лакост.
Српските, а и француските медиуми шпекулираат дека Ѓоковиќ би можел да остане без овој спонзор, со оглед на тоа што најверојатно на тенисерот нема да му биде дозволен влез ниту во Париз, на Ролан Гарос.