Нова авантура за репрезентативецот: Мекиќ е играч на Задар!

Само два месеца откако го напушти МЗТ Скопје и се пресели во романскиот прволигаш Темишвар, македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ има и нов клуб.

Од пред неколку минути, тој официјално е член на поранешниот хрватски шампион Задар со кого потпиша договор до крајот на оваа сезона. За кратко, тој заминува за Далмација каде се очекува во текот на денов или најдоцна утре изутрина да биде претставен во својот нов клуб.

Договорот со Задар е огромна чест за Мекиќ имајќи предвид дека оди во еден од најкошаркарските градови на просторите на поранешна Југославија. Воедно, тој е прв Македонец што ќе го облече дресот на овој клуб по Тодор Гечевски кој остави длабока, неизбришлива трага во Задар и на кого се уште, со големо задоволство, се сеќаваат тамошните љубители на кошарката.

Задар ќе биде трет клуб за Мекиќ оваа сезона која ја почна во МЗТ Скопје, а ја продолжи во Темишвар. Во Задар ќе игра со најкорисниот кошаркар во досегашниот дел од АБА лигата, Лука Божиќ.