Шок поразот од Албанија во Скопје се уште ги иритира чувствата на македонските одбојкари. На пристигнувањето во Тирана за утрешниот втор дел од меѓусебниот двомеч во Европската сребрена лига, се враќаат сликите од 2018-та, од квалификациите за нашиот дебитантски континентален собир, кога на домашен терен загубивме од Швајцарија и мислевме дека соништата бледнеат, а неколку дена потоа на нивни терен им ја сервиравме толку посакуваната слатка победничка одмазда и се радувавме на остварената цел.
Сега можеби ќе биде потешко, но зависи кој како гледа на работите. Тогаш бевме во полн состав, овој пат, Македонија ќе има целосно нова примачка дијагонала, затоа што Владо Милев воопшто не допатува во Албанија поради повреда.
Љафтов за оваа акција го немавме воопшто, а тоа значи дека утре Илиев и Костиќ ќе имаат шанса да играат и да се изнаиграат. Без огледна значењето на пресметката со којашто сакаме да останеме на курс кон седмо полуфинале во седмото евролигашко учество, за нив ова треба да биде натпревар за раст во кариерата, а не товар дека треба или мора, токму сега!
За разлика од Милев, кој очекуваме да се врати во тимот веќе за средбата со Романија на 8-ми, јасно е дека либерото Костадин Ричлиев нема да може да го облече националниот дрес до крајот на Евролигата, па Васе Михаилов треба да помогне нашиот прием да биде искусен, а со тоа и играта да има поинаков тек од средата кога ние го претрпевме вториот, а Албанија го оствари првиот триумф во третото коло од групата Б