Нов скандал ја тресе Португалија, признаа дури и од Бенфика: Ова е црна страница во фудбалот

Поради големиот број играчи заразени со корона, Белененсес на мегдан со Бенфика излезе со само девет играчи во тимот (двајца голмани, пет бекови и еден играч за врска, никој постар од 24 години). Тоа го искористија гостите и веќе до полувремето ја наполнија мрежата на ривалот – 7:0.

На паузата домаќините одлучија дека нема поента да играат понатаму и пријавија две повреди, а набрзо по продолжението на мечот уште еден играч се пожали до судијата дека има болки и дека не може понатаму да игра. По правилата, кога екипата ќе остане со помалку од седум играчи, арбитарот го прекинува мечот.

Разочараните играчи на Белененсес брзо се огласија на социјалните мрежи критикувајќи ја националната фудбалска федерација, а им се приклучија и многу други. Меѓу останатите и претседателот на Бенфика, легендарниот Руи Коста.

„Жалам за она што се случи. Ова е црна страница во португалскиот фудбал“, истакна Коста и додаде дека неговиот клуб никој не го прашал дали сака да се одложи натпреварот.

Тие велат дека ќе прифателе одложување и ги отфрла критиките дека вина за оваа фарса сноси и клубот од Лисабон.

„Бенфика ги почитуваше прописите на ист начин на кој Белененсес беше приморан да игра. Нема поента погрешно да се толкува она што се случи. Министерството за здравје и Лигата не го одложија натпреварот, тоа не е наша одговорност“.

Во своето соопштение Коста им пружи поддршка на домаќините и наведе дека сочувствува со сите во Белененсес.

„Знам во каква состојба се. Минатата година и ние минувавме низ истото, го загубивме првенството и купот поради Ковид-19“, тврди неодамна избраниот претседател на Бенфика.

По ова се огласија и Порто и Спортинг, главните ривали на Бенфика во трката за титулата.

„Секогаш има такви кои ја фрлаат Португалија во третиот свет. Каква бесрамност“, напишаа од Порто на Твитер.

Спортинг беше поофицијален и издаде соопштение.

„Португалскиот фудбал во целина денес сериозно е оштетен, како и клубовите кои го сочинуваат неговиот дел и се борат само на теренот. Ова што се случи има сериозно влијание на кредибилитетот на тековното првенство и институциите кои го регулираат. Никој не би требало да остане рамнодушен, бидејќи така португалскиот фудбал никогаш нема да биде сфатен сериозно“, наведуваат од Спортинг.