Нов шок во Кина: Франција ги елиминираше САД за полуфинале на Мундобаскетот!

Ново големо изненадување и шокантен резултат на Светското кошаркарско првенство во Кина, откако репрезентацијата на Франција ги елиминираше САД во четвртфиналето на Мундобаскетот со 89:79.

Мундобаскетот навистина има изненадувачки резултати оваа година, откако претходно испаднаа репрезентации како Бразил, Литванија и Грција, а најголемото изненадување досега беше елиминацијата на Србија од Аргентина, сега ново изненадување откако Французите ги надиграа Американците во четвртфиналето, со што двата најголеми фаворити на ова СП испаднаа на стартот од нокаут фазата.

Сите ги очекуваа Србија и САД во финалето и нова нивна битка за светскиот трон, но за место во финалето ќе се борат Аргентина и Франција.

Французите тактички ги ограничија Американците, се чинеше дека играат премногу бавно во нападот, но јасно е дека тоа беше тактика на Венсан Коле кој не сакаше да влезе во надтрчување со Американците. Но, ако некој можеше да им парира на Американците во нивната игра, тогаш тоа дефинитивно е Франција која атлетски е најблиску до нивото на американските НБА ѕвезди.

Французите со петмина НБА играчи и четворица сериозни евролигашки кошаркари им одржаа лекција на САД.

Се започна со израмнета игра во првата четвртина, двете репрезентации се менуваа во минимално водство, па така првата делница заврши со 18:18. Во втората четвртина Французите го надскокаа Американците под кошевите, собраа неколку офанзивни скокови, Гобер и Фурние го полнеа кошот на САД и на полувреме заслужено заминаа со шест поени предност (39:45).

Франција продолжи во ист ритам на почетокот од третата четвртина и дојде на десет поени предност, но Американците влегоа во ритам и набрзо успеаја да израмнат, па дури и да поведат на почетокот од четвртата четвртина со седум поени предност.

Но, Французите кои имаа слаб поентерски период и имаа проблем со скоковите, успеаја да се консолидираат и со паметна игра во втората половина од последната четвртина експресно израмнија и поведоа. Разликата брзо дојде до шест поени разлика на неколку минути до крајот, а Американците почнаа да прават необјаснети грешки за пет и пол минути постигнаа само три поени, по што стана јасно дека Франција оди во полуфиналето, а САД, како едни од главните фаворити со Србија ќе играат за пласман од петтото до осмото место.

Како утеха за кошаркарските љубители, кои очекуваа судир на првите фаворити во финалето, може да претставува фактот што сепак ќе се сретнат на овој Мундобаскет, но во разигрувањето за конечен пласман.

Фурние со 22 поени беше најефикасен кај Французите, но Гобер се чини беше клучниот човек за победата со 21 поен и 16 скока. Нандо Де Коло додаде 18 поени, а Франк Нтиликина заврши со 11 поени.

Кај Американците најдобар беше Донован Мичел со 29 поени, Смарт додаде 11, а Кемба Вокер потфрли со само 10 поени.

Франција е третиот патник во полуфиналето по Аргентина и Шпанија, а последниот полуфиналист ќе се дознае денеска по мечот меѓу Австралија и Чешка. Австралијците се фаворити во овој дуел, но како се одвиваат работите на овој Мундобаскет, нема да биде чудо ако Чешка направи уште едно изненадување и успее да се пласира меѓу четирите најдобри.