Нов пораз за Вардар: Веспрем го демолираше европскиот првак во „Јане Сандански“

Екипата на Вардар доживеа нов убедлив пораз во Лигата на шампионите, овојпат од Веспрем на домашен терен со убедливи 29:38.

Македонскиот и европскиот првак има големи проблеми сезонава во најелитното клупско натпреварување. Ниту тренерската рокада и доаѓањето на Кокшаров за тренер не промени ништо во редовите на „Црвено-црните“ кој мака мачи со повредите и во онака десеткуваниот состав, откако си заминаа голем број носители на играта од минатата сезона.

Нешто мора да се менува, а доказ за тоа е и третиот пораз во низа во Лигата на шампионите, односно четврти натпревар без победа за избраниците на Кокшаров. Овојпат Веспрем му одржа лекција на нашиот шампион среде Скопје, во „Јане Сандански“ со убедливи 29:38.

Гостите од Унгарија започнаа фуриозно од самиот почеток на натпреварот. Вардарци парираа единствено до 2:2, по што следуваше серија од 7:0 на гостите за убедливо водство од 9:2 иако беа и со играч помалку во меѓувреме.

Идејата на Кокшаров да настапи со Чупиќ, Скубе и Атман како бековско трио не вроди со плод крај високите џинови во одбраната на Веспрем, па Вардар мака мачеше во нападот. Гстите ја одржуваа преднсота на 5-6 голови разлика во првиот дел во текот на целото полувреме, а на паузата заминаа со седум голови предност (15:22).

И второто полувреме започна на идентичен начин, Вардар погоди за намалување на негативата на шест голови разлика, а потоа се беше во знакот на гостите, кои ја одржуваа, но и зголемуваа својата предност постојано, а на неколку минути до крајот дојдоа и до убедливи 11 гола разлика (24:35, 25:36). Вардар до крајот успеа да постигне три гола во серија само за да ја намали убедливата негатива, но и покрај тоа забележа убедлив пораз од дури девет голови разлика и конечни 29:38.

Ненадиќ беше човекот кој го уништи Вардар со своите 11 гола од 12 обиди, а зад него беа Шмид, Мораеш и Мацковшек со по четири гола. Кај Вардарци, подобар од останатите беше Атман со седум гола, Калараш и Чупиќ дадоа по четири, а Скубе, Пелко, Шишкарев и Дибиров дадоа по три гола.

Со овој пораз, Вардар падна на шестото место на табелата, последно кое води во осминафиналето. По десет одиграни кола, Вардар има девет бода, пет повеќе од Мотор кој е на седмото место, така што освен во случај на уште подлабока криза, Вардарци не би требало да го доведат својот пласман во следната фаза под знак прашалник, но прашање е колку можат да постигнат сезонава.

Следниот Меч Вардар го игра на 5. февруари идната година на гостински терен против Кил, а дотогаш Кокшаров и останатите во Вардар ќе имаат доволно време да се подготват и да го вратат европскиот првак на вистинскиот колосек.