Нов конфликт во Минхен, Флик незадоволен од одлуката на Салихамиџиќ за Боатенг

Директорот на Баерн Хасан Салихамиџиќ пред мечот со ПСЖ соопшти дека Џером Боатенг нема да остане во клубот следната сезона.

На искусниот дефанзивец договорот му истекува на крајот од сезоната. Соработката нема да биде продолжена и оваа одлука Хасан Салихамиџиќ му ја соопшти на Боатенг.

„Тоа беше заедничка одлука на клупското раководство, а и тренерот беше вклучен во се. Му ја објаснив комплетната ситуација на Џером и во целост ја разбра одлуката“, изјави Салихамиџиќ.

По натпреварот, новинарите го запрашаа тренерот Ханси Флик за тоа дали Салихамиџиќ во вистинско време ја соопштил одлуката за заминувањето на Боатенг.

Флик не сакаше да одговори на тоа прашање и истакна дека не сака да одговори баш на се што ќе го прашаат, бидејќи мора да биде професионален.

„Нема да одговорам на тоа прашање. Морам да одговарам на сите прашања професионално, но не можам да ви дадам одговор на се, а и не го сакам тоа. Морам малку и да глумам. Глумата е дел од тренерската работа“, изјави Флик.