Ништо ново: Јовановски останува на чело на ОФМ

„Минавме тешка деценија, во којашто дојдовме до историски успеси. Се разбира дека минатото нема да важи ако не работиме на остварување на новите цели. Искрено ви велам дека не беше лесно, напротив, но знам дека отсега ќе биде полесно за сите“, им рече првиот човек на македонската одбојка на делегатите на Изборното собрание во Штип.

Петар Јовановски повторно беше избран за претседател на Одбојкарската федерација на Македонија. На денешното Изборно собрание во Штип, од вкупно 21 делегат, 17 му дадоа поддршка и го реизбраа Јовановски на челната позиција во нашата одбојка и во наредните четири години. Потсетувајќи на неодамнешните успеси на македонската машка сениорска репрезентација, којашто првпат учествуваше на европско првенство, старо-новиот претседател најави идентични цели, но работа со посилен интензитет.

„Благодарност до сите, ќе работиме напорно како досега со машката, но сега акцентот ќе биде да ги донесеме девојките на местото каде што се мажите“, изјави Јовановски по изборот, притоа претставувајќи ги целите за наредниот период.

„Се разбира дека рбет на македонската одбојка ќе остане машката сениорска репрезентација. За да останеме позитивна приказна, а со тоа да дадеме шанса за развој на клубовите, потребен ни е континуитет во учествата на европските првенства. Веќе почнавме да работиме на промената на генерации во машката сениорска репрезентација, а ќе почнеме и процес на ревитализација на женската. Покрај организацијата на ЕП за младинки во 2022-ра, наша желба е да добиеме група и за машкото сениорско Европско првенство во 2023-та. Учествата на балканските шампионат, исто така, ќе продолжи“, рече Јовановски.

На Собранието кандидатура истакна и поранешниот македонски репрезентативец, а сегашен играч на Вардар, Јовица Симовски. Неговата програма доби поддршка од четворица делегати – претставници на клубовите од Првата лига во машка и во женска конкуренција.

„Јас сакам поголем тим. Секој ќе има свое задолжување во комисиите, ќе бидеме транспарентни. Сакам да работиме како што работат белгиска и француска репрезентација на пример. Сакам да има потпретседател-жена затоа што и женските клубови имаат придонес за развојот на одбојката. Моја цел е Тетово и Струмица да бидат центри, таму децата да работат и да се развиваат. Федерацијата треба да ги помага клубовите и на тој начин да се афирмира македонската одбојка“, рече Симовски претставувајќи ја својата програма.

Делегатите на Изборното собрание го прифатија извештајот за работа на Федерацијата, а претставниците на ОК Вардар имаа забелешки за финансискиот отчет, по што беше решено оваа точка да се разгледува на наредното Собрание. Тогаш клубовите ќе гласаат и за новиот Статут откако во рок од 30 дена ќе достават предлози за негова измена и за дополнување.