Никој не ја сака „деветката“ во Челзи, играчите веруваат дека бројот е проколнат

Челзи влегува во новата сезона и гостува кај Евертон на Гудисон Парк без класичен напаѓач. Со враќањето во Интер на едногодишна позајмица, Ромелу Лукаку зад себе остави празно место кое се уште никој не го пополнил, а како изнудено решение поголем товар на грбот ќе има Рахим Стерлинг, кој и кај Пеп Гвардиола играше како најистурен во нападот.

Со заминувањето на Лукаку, проширена е листата на врвни напаѓачи кои потфрлија на Стемфорд Бриџ. Пред силниот Белгиец тоа беа Фернандо Торес, Алваро Мората, Ернан Креспо, Гонзало Игуаин, Радамел Фалкао… Заедничко за сите е тоа што за време на престојот на Стемфорд Бриџ го носеа дресот со бројот „9“.

На нешто повеќе од три недели до крајот на преодниот рок, Челзи се уште е во потрага по напаѓач по вкусот на Томас Тухел. Тој играч е Пјер-Емерик Обамејанг, кому Чави не му дозволува да се врати во Лондон.

Најавувајќи ја премиерата со Евертон, Тухел се осврна на прашањето зошто „деветката“ се уште е слободна, односно дали намерно се штеди за евентуални засилувања до крајот на летото? Интересно, Германецот откри дека тоа не е така, туку дека никој од актуелниот состав не сака да ја земе таа бројка бидејќи по ненадејното враќање на Лукаку постои верување дека е дресот со тој број е – проколнат!

„Бројот е проколнат, така ми велат играчите. Не ја оставивме таа бројка за некој нов, за некој што игра на таа позиција, тоа не е тактичка работа“, вели Тухел и продолжува:

„Едноставно, во соблекувалната нема побарувачка за дресот со број ’9’. Бев изненаден што никој во тимот не го сакаше овој дрес, иако традиционално во фудбалот побарувачката е голема. Никој не сака ни да му се приближи. Сите што се подолго од мене во клубот ми велат дека поради сите претходници кои ја носеле „деветката“ не постигнале голови. Затоа сега ја имаме оваа ситуација“.

Највлијателни напаѓачи во ерата на Роман Абрамович беа Дидие Дрогба и Диего Коста, а ги носеа „11“ и „19“. Тами Абрахам постигна 21 гол како „деветка“ во текот на две сезони во Челзи, но беше продаден на Рома. Рахим Стерлинг никогаш во кариерата не го носел тој број на грбот, па не сакаше сега да го промени и остана на „17“. Каи Хаверц остана доследен на својот број „29“, додека Тимо Вернер се уште е „11“.

„Лично јас сум малку суеверен, па можам да ги разберам играчите зошто никој не ја сака „деветката“. Тоа е што е. Секако дека имам големи очекувања од Рахим, кој треба многу да ни помогне. Секако, треба да направиме повеќе за да создадеме повеќе шанси и да постигнуваме голови“, изјави Тухел.

Покрај напаѓачите, Челзи работи и на уште неколку трансфери. Најпрво се обидува да го убеди Лестер да го пушти Весли Фофана, но и Барселона да го продаде Френки де Јонг. Огромна прашина се крена со купувањето на Марко Кукуреља од Брајтон за 73.000.000 евра со бонуси. Тухел е задоволен од работата и интересно го гледа како стопер во новиот тим, иако пореално е повеќе да игра на својата природна позиција на левото крило…

„Аспиликуета и Чалоба играат на иста позиција во одбраната со тројца стопери, Кукуреља ја покрива позицијата лево во таа тројка, како и Кулибали, а го имаме и Силва кој, за жал, веќе не е толку млад. Можеби ќе донесеме уште еден стопер, можеби не, ќе видиме“.