Никакви се шансите на Сити: Во 38 години има само една победа на Енфилд

Последната деценија Манчестер Сити е најдобар тим во англискиот фудбал, но и натаму има проблем кога станува збор за дуелите со Ливерпул на гостински терен.

Последната победа на Енфилд, шампионот на Премиер лигата ја оствари во 2003 година со 2-1 и тоа е единствен триумф на „граѓаните“ во последните 38 години. Сега на Сити очајно му е потребно оваа традиција да биде срушена ако сака да остане во трка за титулата во англиското првенство. Ништо подобар не е ни Пеп Гвардиола кој на четири гостувања на Енфилд има само едно реми и три порази.

Најголемото дерби во Премиер лигата оваа сезона се игра во момент кога Ливерпул има шест бода предност во однос на Сити и евентуален триумф ќе го однесе на чекор до првата шампионска титула по пауза од 30 години.