Ниеден македонски селектор не му даде шанса, а има најбогата интернационална кариера

Македонскиот интернационалец Дарко Димитриевски ќе се врати во шпанскиот ракомет откако денеска потпиша едногодишен договор со тамошниот прволигаш Ваљадолид.

Тој е седмо засилување за клубот во текот на летото, а втор Македонец по Димитар Димитриоски кој, исто така, ќе го носи дресот на овој тим. Минатата сезона Димитриевски играше во германскиот второлигаш Емшдетен, а во Шпанија се враќа по пауза од година откако претходно беше член на Синфин.

Интересно е тоа што Димитриевски на 29-годишна возраст има исклучително богата интернационална кариера на која можат да му позавидат и многу „легенди“ на македонскиот ракомет. Во својата кариера играше во Катар, потоа шпанските Пуерто Сагунто, Адемар Леон и Синфин, унгарскиот Чургои, израелскиот Хапоел Ашдод и германскиот Емшдетен. Во Македонија беше член на Куманово, Металург и Борец, а како играч на велешкиот клуб заврши како убедливо најдобар стрелец во домашното првенство.

И покрај тоа, ниеден македонски селектор досега не му даде шанса во репрезентацијата за големите натпреварувања иако неколку пати беше на поширокиот список. На истата позиција постојано беа форсирани други ракометари кои досега не ги оправдаа очекувањата, ниту потврдија дека можат да бидат долгорочни решенија.