Барселона денеска на свој терен ја совлада Осасуна 4:0, а мечот го одбележа Лионел Меси.
Аргентинецот беше особено мотивиран на денешниот натпревар, а причината беше смртта на Диего Армандо Марадона, неговиот идол и некогашен селектор во репрезентацијата, како и негов единствен легитимен наследник.
Меси постигна фантастичен погодок во 73. минута за 4:0, кој одлучи да му го посвети на Диего Марадона. Аргентинецот го соблече дресот, а под него беше дресот на Марадона од времето додека настапуваше за Њуелс Олд Бојс.
Овој потег на Меси ја воодушеви фудбалската јавност и многумина порачаа дека не оригинален начин се прости од својот идол.
Дури и судијата Лахоз беше допрен од овој потег на Меси, а тоа го покажа кога му даде жолт картон на фудбалерот на Барселона. Имено, според правилата судијата мора да му даде жолт картон поради соблекување на дресот, но на Лахоз тоа тешко му падна.
Шпанските медиуми открија и што главниот судија му рекол на Меси кога му покажал жолт картон и беше јасно дека не сакал да го направи тоа.
„Жал ми е што го правам ова сега, но такви се правилата“, му порачал Лахоз на Меси.
Инаку, каталонските медиуми пренесуваат дека Барселона ќе испрати барање до Ла Лига за да се поништи овој жолт картон на Лео Меси, со оглед на тоа дека гестот беше направен во чест на легендарниот Марадона.