Неверојатен и зачудувачки гест: Валверде и прости на Барселона 36 милиони евра?!

Во денешниот фудбал се се врти околу парите. На играчите не им е проблем да го погазат својот збор и да прејдат во таборот на најголемиот ривал и да се однесуваат како ништо да не се случило. Кога станува збор за тренерите, Антони Конте наплати, заедно со своите помошници, 26 милиони евра од Челзи на разделбата, а потоа дополнително ги тужеше „Сините“ и пред некој ден ги доби на суд, па ќе им припаднат и некои 100.000 евра обештетување.

А, Ернесто Валверде? Господин каков што ретко се раѓа! Сменетиот тренер на Барселона му прости на својот довчерашен клуб 36.000.000 евра! Неверојатно. Просто, човекот не сакал да го земе тоа што не го заработил.

Имено, Валверде имаше договор со Барселона на уште една и пол година. Според истиот, тој заработувал годишно 24.000.000 евра бруто, односно околу 12.000.000 евра нето. Во договорот имал и клаузула дека во случај на предвремен раскин на истиот, односно ако Каталонците му врачат отказ, клубот мора да му го исплати договорот до крај. Тоа се 36.000.000 евра бруто, односно 18.000.000 евра нето плата колку што би му останале по оданочувањето.

Тешко дека некој очекувал дека такво нешто ќе се случи, со оглед на тоа дека Барселона 17 години не менуваше тренер среде сезона. Но, ете, дојде и тој ден. А, потоа галантниот Валверде рече – не. Не му требаат тие година и пол дена од договорот кои не ги одработил и со еден потег и спаси 36.000.000 евра на Барселона, кои му припаѓаа по закон. Уште еднаш – неверојатно!

Валверде никогаш не криел дека е мошне благодарен на Барселона на укажаната шанса да го тренира клубот и на овој начин му се одолжи на клубот. Според „Мундо Депортиво“, Каталонците биле воодушевени од неговиот гест, па на крајот, сепак, го испратиле сменетиот тренер со богата отпремнина.