Немања Бјелица ја заврши кариерата

Српскиот кошаркар Немања Бјелица стави крај на професионалната кариера.
Одлука крилниот кошаркар со прекар Професор ја објави на Инстаграм.

„Дваесет години… И благодарам на кошарката“, напиша Бјелица со видеото во кое собра важни моменти од својата богата кариера.

Сениорската кариера ја започна во 2008 година во Црвена звезда под водство на Светислав Пешиќ, каде остана до 2010 година.

По Звезда настапуваше за Басконија и Фенербахче во чиј дрес беше МВП на Евролигата.

Подоцна остави свој белег во НБА, каде ги бранеше боите на Минесота, Сакраменто, Мајами Хит и Голден Стејт, со кои исто така освои НБА прстен во сезоната 2021/22.

Повторно се врати во Фенербахче, но поради повреда пропушти поголем дел од сезоната 2022/2023, а актуелната ја започна во Звезда под водство на Душко Ивановиќ, по што соработката брзо беше прекината.

За репрезентацијата на Србија настапуваше на Летната универзијада во 2009 година во Белград, со која го освои златниот медал.

По добрите игри во универзитетскиот тим, селекторот Душан Ивковиќ го повика него и уште четворица соиграчи на подготовките на сениорската репрезентација за ЕП 2009 година во Полска. Во 2009 година го освои сребрениот медал.

На СП 2010 во Турција го освои четвртото место, а играше и на ЕП 2011 и 2013 година.

На Мундобаскетот во Шпанија во 2014 година, Бјелица го освои сребрениот медал со репрезентацијата предводена од Александар Ѓорѓевиќ.

Тој беше еден од најдобрите играчи на тимот, со просек од 11,9 поени, 6,9 скока и 2,8 асистенции во девет натпревари.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО