Нема недопирливи: Две големи ѕвезди на Реал одат на продажба

Реал Мадрид е подготвен да ги продаде Еден Азар и Герет Бејл.

Како што наведуваат шпанските медиуми, ниту еден играч на „Кралскиот клуб“ не е сигурен во останувањето на „Сантијаго Бернабеу“, а причина за тоа е финансиската ситуација која не е баш најдобра во Мадрид.

Реал веќе се ослободи од неколку договори. Си заминаа Серхио Рамос и Рафаел Варан, а „АБЦ Депортес“ пишува дека клубот би можеле да го напуштат и Еден Азар и Герет Бејл.

Азар одамна се поврзува со заминување од Реал. Повредите го уништија фантастичниот Белгиец од неговото доаѓање во клубот во 2019 година и не покажа ниту дел од она што го покажуваше во Челзи.

Исто така и Бејл во минатото имаше проблеми со повредите. Зинедин Зидан минатата сезона не сметаше на неговите услуги и беше позајмен во Тотенхем.

Меѓутоа, новиот тренер Карло Анчелоти смета и на Бејл и на Азар. Тие ќе имаат место кај него во тимот, но клубот нема да ги одбие понудите ако истите пристигнат до крајот на преодниот рок.

Еден Азар во дресот на реал во две сезони одигра само 43 натпревари и постигна пет гола. Од друга страна, Герет Бејл е во клубот од 2013 година. За „Кралевите“ одигра 251 натпревар и постигна 105 гола.