Нема крај за малерите на Барса: „Златното момче“ ја обнови повредата, во аут до следната година

Фудбалерот на Барселона, Педри, ја заврши календарската година поради повреда на мускулот. Како што пренесува мадридски „АС“, тој ќе се врати на теренот дури во 2022 година.

Иако и претходно се шпекулираше дека годината за него е завршена, сега пристигна и официјална потврда. Тој ќе мора да го започне своето опоравување од нула.

Педри оваа сезона одигра само четири натпревари, по две во Ла Лига и Лигата на шампионите, а пре повредата се очекуваше дека ќе биде во составот за дебито на Чави против Еспањол. Сепак, тој не успеа да ја санира повредата навреме, а во меѓувреме успеа повторно да се повреди.

Тој и претходно имаше повреда по која успеа да се врати на теренот и да заигра, но доживеа нова повреда од која се уште се нема вратено на теренот.

Педри неодамна ја освои наградата „Златно момче“ за најдобар фудбалер во Европа до 21 година, а минатата сезона експлодираше, каде стана незаменлив во првиот тим на Барса, а притоа играше и за У21 репрезентацијата на Шпанија на младинското ЕП, потоа за сениорскиот тим на Шпанија на континенталниот шампионат каде блесна и беше избран во идеалниот тим на првенството како и за најдобар млад фудбалер, за на крајот да игра и на Олимписките игри во Токио.

Со 73 одиграни натпревари во една сезона, што е премногу за 18-годишно момче, сега Педри го плаќа данокот.