Нема крај на лошите вести: Почина Златан Сарачевиќ

На 60-годишна возраст, вечерва од срцев удар во Копривница почина легендарниот хрватски и југословенски ракометар и тренер Златан Сарачевиќ.

На прославениот ас му се слошило по натпреварот од женското ракометно првенство на Хрватска, меѓу неговата Подравка и Локомотива. Дал изјава и кога сакал да излезе од салата, загубил свест и паднал. Многу брзо дошла екипа на Брза помош, доктори се обидувале да го реанимираат 40 минути, но не успеале.

Сарачевиќ е еден од синонимите за југословенскиот и хрватскиот ракомет од 80. и 90. години на минатиот век. Роден е на 5 јули 1961 година во Бања Лука, играл за Медвешчак, Ним, Бордо, Кретеј, Истрес, Загреб, Веспрем и Замет каде ја завршил играчката и ја почна тренерската кариера.

Со југословенската репрезентација освои злато на Светското првенство во 1986 година и бронза на Олимписките игри во Сеул две години подоцна. Со Хрватска беше светски вицешампион во 1995 година и олимписки првак во Атланта следната година.