Нема Ел Класико во финалето од шпанскиот Куп

Ждрепката за Копа дел Реј ги стави на иста страна најголемите ривали во шпанската кошарка и јасно е дека Реал Мадрид и Барселона нема да се сретнат во финалето од ова натпреварување.

Реал го почнува својот пат против Валенсија, а Барселона против Уникаха и ако победат, Ел Класико ќе има во полуфиналето, првпат по 1996 година. Можност за такво нешто постоеше и во 2002 и 2020, но во првиот случај Реал загуби од Естудијантес, а во вториот, Барселона од Валенсија.

Завршницата од шпанскиот Куп ќе се одржи од 16 до 19 февруари во Олимписката арена во Бадалона. Домаќинот Хувентут ќе се сретне со Басконија, а во дербито на Канарските острови, играат Тенерифе и Гран Канарија.

Трофејот во Копа дел Реј од претходните две сезони го брани Барселона која со евентуален триумф во соседството има можност да се израмни со Реал со по 28 пехари. Последниот клуб кој ја освоил титулата во Купот, а не се вика Барселона или Реал, е Басконија од 2009 година.