И кога беше активен ракометар, Борко Ристовски во повеќе наврати покажуваше дека знае испровоцира реакција од јавноста и без, навидум, никаква причина да нападне свои колеги, па дури и соиграчи.
Откако го напушти теренот, таквите изјави зачестија, а последната од нив е онаа поврзана со судиите во домашното првенство. Во интервју за клупската интернет страница, Ристовски побара рамноправен третман од судиите и се закани дека во спротивно, Вардар ќе бара судии од странство.
„Се залагаме за ферплеј на теренот и надвор од него. Во крајна мера, ако не се подобри ситуацијата и ако се продолжи со правењето сопки, и има разни игри околу Вардар, кои можеби во минатите години успевале, сега ако не се поправи стуацијата ќе бараме и судии од странство за дерби средбите, за да се добие на чесноста и да нема влијание од различни страни“, рече, меѓу другото, Ристовски.
Ангажирањето судии од странство не е непозната и ретка практика во ракометот, но на такво нешто се решаваат држави кои немаат свои квалитетни арбитри. Во Македонија не е така, нашата држава ги има најдобрите во светот, Начевски и Николов, докажани на секое поле и без никаква дамка во своите кариери. Тие се оние кои ги бараат во други држави и често водат натпревари низ Европа, Азија, Африка… Нејасно е како може да постои недоверба кон судии кои воделе финале на Олимписки игри (да не ги спомнуваме финалните дуели на други големи натпреварувања), сон за секој спортист, особено за македонските. Досега, ниедна македонска репрезентација во колективните спортови не успеала да се пласира на Олимписки игри што автоматски ги прави Начевски и Николов најголеми спортски амбасадори на Македонија.
Точно е дека Начевски и Николов не се единствени судии во државава и дека останатите засега многу заостануваат зад нив, но и факт е дека тие двајца најчесто ги судат најважните натпревари во првенството и Купот на Македонија. Како што кажа Здружението на судии во својата реакција, истите тие арбитри суделе и претходните години во кои Вардар доминираше во македонскиот ракомет и освојуваше титули во серија.
Обичен љубител на ракометот во изјавата на Ристовски може да препознае притисок не само кон судиите, туку и кон еден од ривалите за шампионската титула кој минатата сезона направи изненадување и во своето дебитантско учество во елитата го освои второто место. Познат е анимозитетот меѓу Ристовски и првите лица на тој клуб кои во исто време ја водат и Федерацијата, односно репрезентацијата, па од сето тоа може да се заклучи дека неговата изјава и не е така непромислена, а судиите се само колатерална штета.