Не преживеа ни еден ден: Јувентус го отпушти Сари!

Неполни 24 часа по дебаклот во Лигата на шампионите, Јувентус му дал отказ на Маурицио Сари, тврди Скај спортс, а информацијата ја пренесоа и неколку угледни италијански новинари.

Од клубот уште нема потврда, но се очекува тоа да се случи во следните часови. Сари го презеде Јувентус минатото лето кога дојде од Челси и го замени Масимилијано Алегри, а главна цел му беше освојувањето на титулата во Лигата на шампионите. Триумфираше во Серија А, но во елитното европско натпреварување доживеа елиминација уште во осминафиналето од Лион.

Во текот на сезоната неколку пати имаше конфликт со Кристијано Роналдо, а навивачите не беа задоволни од начинот на игра на нивниот омилен тим. Уште не се знае кој би можел да го замени Сари, засега се шпекулира со голем број имиња, но Јувентус нема многу време да избира бидејќи за десетина дена почнуваат подготовките за новата сезона.