Не може три федерации да го водат олимпизмот во Македонија

Голема драма се случува последните денови откако беа објавени имињата на кандидатите за нов претседател на Олимпискиот комитет на Македонија.

Битката треба да се бие меѓу Даниел Димевски и Александра Војнеска Зикова. На неколку часа пред Собранието што треба да се одржи во хотелот „Александар Палас”, со заедничко соопштение се јавија Боречката, Атлетската и Боксерската федерација кои најавија тужба против сегашните челници на ОКСМ, а како причина наведуваат неколку, според нив, неправилности.

Зачудува како овие три национални федерации си земаат важност да го диктираат, односно минираат целиот процес кога зад кандидатурата на Димевски стојат 34 од вкупно 52 федерации или 65% од нив.

Второ, ноторна невистина е дека Управниот одбор на ОКСМ ја отфрлил кандидатурата на Војнеска Зикова. Тоа има право да го направи само Собранието кое ќе заседава од 18 часот и ќе го бира наследникот на Васил Тупурковски.