НБА лига: Леброн Џејмс ги однесе Лејкерс во плеј-офот, во првото коло ги чека шампионот

Лос Анџелес лејкерс го победија Њу Орлеанс пеликанс, во плеј-инот со 110:106 и се пласираа во плеј-офот, во разигрувањето за шампионката титула во НБА.

Лејкерс плеј-офот го почнуваат како седми тим од Западот, а противник во првото коло ќе им биде актуелниот шампион, Денвер нагетс и МВП-то од финалната серија лани, Никола Јокиќ. Овие два тима минатата сезона играа во финалето на Западот, а славеше Денвер во четири натпревари.

На мечот против Пеликанс, Леброн Џејмс постигна 23 поени, со лоши 6/20 удари од поле, но имаше по девет скока и девет асистенции. Ентони Дејвис додаде 20 поени, 15 скока и три блокади.

Во поразениот тим блесна Зион Вилијамсон, на првиот натпревар во кариерата надвор од регуларниот дел од сезоната, но тоа не му помогна на Пеликанс.

Првиот пик на драфтот во 2019 година беше најдобар стрелец на натпреварот со 40 поени, плус 11 скока и пет асистенции. Но тој мораше да го напушти натпреварот на три и пол минути пред крајот поради повреда на ногата при резултат 95:95.

Пеликанс се’ уште имаат шанса да се пласираат во плеј-офот. За такво нешто треба да го совладаат Сакраменто кингс, кои ги победија Голден Стејт вориорс со 118:94.

„Кралевите“ беа предводени од Киган Мареј со 32 поени и девет скока и од Де’Арон Фокс кој додаде 24. За поразениот тим Стеф Кари постигна 22 коша.

Победник од средбата Пеликанс – Кингс ќе биде осмата екипа во плеј-офот на Западот и во првата рунда ќе игра против Оклахома Сити тандер.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО