Американската професионална кошаркарска лига (НБА) официјално објави дека тимовите на Мемфис Гризлис и Орландо Меџик ќе одиграат два натпревари од регуларната сезона во Европа во јануари 2026 година. Првиот натпревар ќе се одигра во Берлин на 15 јануари, а вториот во Лондон на 18 јануари.
Дуелот во германската престолнина ќе се игра во Убер Арената, додека натпреварот во Лондон ќе се одржи во О2 Арената. Со ова, НБА ја продолжува својата стратегија за глобална експанзија и приближување на лигата до навивачите надвор од САД.
Покрај најавените дуели во 2026 година, лигата обелодени дека се планираат дополнителни натпревари од регуларната сезона во Европа: во Манчестер и Париз во 2027 година, како и во Берлин и Париз во 2028 година. Точните датуми и имињата на екипите кои ќе учествуваат ќе бидат објавени пред почетокот на соодветните сезони – 2026/27 и 2027/28.
Натпреварот во Берлин ќе биде прв официјален меч од регуларната сезона на НБА кој ќе се одигра во Германија, и вкупно 14-ти НБА натпревар во таа земја од 1984 година наваму. Лондон, пак, ќе го организира својот 10-ти регуларен натпревар од НБА, и 19-ти вкупно, вклучувајќи ги и пријателските средби кои започнаа во 1993 година.
Во 2027 година, Манчестер ќе биде домаќин на својот втор НБА натпревар во историјата, но прв во рамки на регуларната сезона. Истата година, Париз ќе го организира својот 16-ти натпревар со НБА екипи од 1991 година наваму, од кои шест биле официјални средби од регуларната сезона.
Со оваа најава, НБА уште еднаш потврдува дека европската публика останува важен дел од нејзините долгорочни планови за развој и популаризација на кошарката на глобално ниво.