Навивачите на Јунајтед на нов протест: Ова е војна, подгответе се

Веќе по поразот во првото коло од Премиер лигата, навивачите на Манчестер Јунајтед почнаа да повикуваат на бојкот кој треба да започне во третото коло кога на Олд Трафорд ќе се одигра најголемото англиско дерби.

Навивачите ја продолжуваат борбата против сопствениците, а сега се обидуваат да организираат бојкот за одење на натпревар. Тие се подготвени да жртвуваат нешто за да се изборат за подобрите денови на својот клуб.

Како што се наближува дербито со Ливерпул, се повеќе навивачки групи најавуваат некаков вид на протест во пресрет на овој натпревар (понеделник, 22 август).

Навивачката група „The 1958“ најави протест пред почетокот на дуелот меѓу Јунајтед и Ливерпул. Истата група минатата сезона организираше протести пред натпреварите со Брајтон и Норич, а се очекува овој пат да биде организиран и марш до стадионот со цел навивачите да бидат пред Олд Трафорд половина час пред да пристигне тимот.

„За натпреварот со Ливерпул планираме протест за оние кои сакаат да ни се придружат. Во знак на поддршка за оние кои одат и оние кои не одат на натпреварот, како и оние кои ќе патуваат на натпреварот, сакаме да покажеме колку навивачите ја изгубиле врската со сопствениците.

Сите идеи се добредојдени, ги повикуваме сите што имаат некакви планови да не контактираат за да им дадеме помош, совет… Сите сме на иста страна и тоа е најважно. Ова е војна, а не обична битка. Биди подготвен. Рибата смрди од глава“, објави оваа група на својата веб-страница.