Борусија Дортмунд го декласира Селтик со 7:1 во второто коло од Лигата на шампиони (ЛШ). Навивачите на германскиот клуб на својата трибина, на познаиот „Жолт ѕид“ закачија голем транспарент со натпис „УЕФА МАФИЈА“,.
Под него стоеше помал натпис „Не ви е гајле за спортот, важни ви се само парите“. Над него стоеше интернет адресата „www.nein-zur-cl-reform.de“.
Ако се отвори, ќе се пронајде заедничката декларација за реформа на натпреварувањата на УЕФА, на која се согласуваат 20 навивачки групи на европски клубови.
„За кого друг е овој фудбал? Сеопфатната реформа на натпреварувањата на УЕФА ќе стапи на сила за сезоната 2024/2025, по што ќе следи значително зголемување на бројот на натпревари.
Покрај поголемото оптоварување на играчите и навивачите, ова особено ќе биде придружено со зголемување на приходите, што ќе ги зајакне постоечките структури во европскиот клупски фудбал и ќе ја влоши нерамнотежата во националните лиги.
Ги повикуваме одговорните да развијат одржливи решенија за паневропски фудбал за да обезбедат фер и возбудливи натпревари на национално и на меѓународно ниво“, се вели во обраќањето кое можете да го погледнете ТУКА.
Од сезонава ЛШ (и во другите клупски натпреварувања на УЕФА) се игра по нов, проширен формат. Сите 36 клуба ќе бидат во иста лига, а секој клуб ќе одигра по осум натпревари, сите осум против различни противници, по четири дома и четири на гости.
Осумте најдобри клубови одат во осминафиналето, екипите од 9 до 24 место ќе разигруваат за пласман осминафиналето, а останатите ќе бидат елиминирани.