Највозбудливата „Златна топка“ во последните 40 години, Меси за влакно го победил Ван Дајк

Синоќешното доделување на „Златната топка“ беше едно од највозбудливите досега, без оглед на тоа што во претходните денови се шпекулираше за сигурната победа на Лионел Меси.

Аргентинецот победи и дојде до историското шесто признание за најдобар играч на планетата, но победата ја однесе со само седум бода повеќе од второпласираниот Вирџил ван Дајк. Ваква мала разлика меѓу водечкиот двоец не е видена уште од 1978 година, кога Кевин Киген го победи Ханс Кранкл за шест бода.

Она што е најинтересно е дека Вирџил ван Дајк на синќешното гласање на претставниците на медиумите повеќе пати бил на првото место (69 пати) од Лионел Меси (61), поради што и беше исклучително блиску до освојување на првото место. За појаснување, првото место во гласањето носи шест бода, второто четири, третото три, четвртото два и петтото еден бод.

Меси на крајот имаше вкупно 686 освоени бода, Ван Дајк 679, а третопласираниот Роналдо 476. Троцифрен број гласови имаа уште четвртопласираниот Садио Мане (347) и петтопласираниот Мохамед Салах (178).

„Франс Фудбал“ ги објави сите гласови на 176 новинари од целиот свет, како и собраните бодови на основа на гласовите на публиката, кои беа поделени на шест конфедерации. Лиионел Меси славеше победа во Јужна Америка, Африка, Северна Америка и Карибите, како и во Океанија, додека Ван Дајк ја однесе победата во Европа и Азија.