Најтажниот ден во историјата на Барса: Меси си замина во солзи

Најдобриот фудбалер на сите времиња Лионел Меси денеска официјално се прости од Барселона, по 21 година помината во клубот и еден куп освоени трофеи и на клупски и на индивидуален план.

Јасно беше дека последната прес-конференција ќе биде емотивна, но Меси се расплака веднаш штом стапна на импровизираната бина од која требаше да го одржи последниот говор. Истакна дека ова е негов најтежок ден во кариерата иако тоа може да се каже и за неговиот живот воопшто.

„Веќе неколку дена размислувам што би можел да кажам, но навистина не знам ништо. Ова е многу тешко за мене, овде го поминав практично целиот живот и не сум подготвен за ова. Искрено, она што се случуваше минатата година и ова сега не е исто. Сега јас и моето семејство бевме уверени дека ќе останеме во домот кој го сакаме повеќе од што било.

Дадов се од себе за овој клуб и заминувам среќен поради она што го направив за Барселона. Сакав поинаку да се простам, никогаш не мислев дека последниот ден ќе ми биде надвор од теренот, без навивачи. Сакав да го слушнам последниот поздрав од нив, многу ми недостасуваа“, истакна Меси меѓу другото.

По завршувањето на прес-конференцијата, присутните, меѓу кои беа и неколку од ѕвездите на Барселона, упатија громогласен аплауз како награда за се она што го направи Аргентинецот за клубот.