Најкратката пензија во фудбалот: Се врати во репрезентацијата поради претседателот на Гана

Ова е најкратката фудбалска пензија на светот! Асамоа Џан во понеделникот објави дека се повлекува од националниот тим на Гана бидејќи му е одземена капитенската лента, а денеска повторно објави соопштение – дека се враќа.

Асамоа Џан доби повик кој не се одбива. Кога претседателот на државата ќе те повика и убаво ќе те замоли, тогаш не можеш да му кажеш „не“, тврди Асамоа.

А, токму тоа се случи. Лидерот на државата го повика Џан да се врати и овој со воодушевување прифати.

„Барањето на претседателот не се одбива. Имав прилика да разговарам со таткото на нацијата, претседателот на државата Нана Адо Данква Акуфо-Адо, кој со почит на моите желби, ме замоли повторно да размислам за одлуката да се повлечам од репрезентацијата. Неговата желба ја сфатив како најдобра намера и ќе се ставам на располагање на селекторо Кваси Апија“.

„Мојата желба да и помогнам на Гана по повеќе од три децении да го освои трофејот во Купот на Африка се уште гори и останувам да и служам на големата нација и народот на Гана“, стои во новото соопштение на Асамоа Џан.