Најголемата неправда во историјата на фудбалот: Модриќ има Златна топка, Чави и Иниеста – НЕ!

Доделувањето на најголемото индивидуално признание во фудбалот на Лука Модриќ повторно ја отвори дебатата за перформансите и квалитетите на едни од најдобрите фудбалери на сите времиња Чави Ернандес и Андрес Иниеста.

Едни од ретките кои во своите кариери освоија се што можеше да се освои, дури и по неколку пати. Дури и оние кои денес ги сметаат за најдобри, Лионел Меси и Кристијано Роналдо не можат да се пофалат со успеси на репрезентативен план како што имаше поранешниот тандем на Барселона.

По синоќешниот триумф на Лука Модриќ, искрените љубители на фудбалот уште еднаш се прашаа како е можно Чави и Иниеста да не ја освојат Златната топка. Ако се споредат перформансите со оние на Модриќ годинава, двајцата имаа многу поблескави изданија и поуспешни години отколку Хрватот.

Модриќ годинава не ја освои титулата на Светското првенство, „коцкестите“ загубија во финалето од Франција иако и самиот настап во мечот за трофејот е огромен успех за нив. Чави и Иниеста не само што ја освоија титулата на Мундијалот во 2010, туку Дон Андрес беше прогласен за МВП на финалето во кое го постигна победничкиот гол за Шпанија. Таа година уште триумфираа и во домашното првенство и Супер купот на Шпанија, но Златната топка ја освои Меси кој беше Златна копачка на Европа.

Кога еден ден сите тројца ќе бидат пензионирани, а успехот ќе се мери според индивидуалните признанија, оние кои не го следеле фудбалот, а и помладите генерации, ќе стекнат погрешен впечаток дека имало подобри играчи од легендарниот тандем на Барселона – Чавиеста.